
За да ги задржи дома, бизнисот ќе ги убедува младите дека и во странство не е сјајно
Германија на голема врата од март ги чека македонските работници таму, а бизнисот, иако се жали дека нема кадар, за сега нема визија како да ги задржи и тие што останаа во земјава. Покрај иницијативи на хартија, како дуално образование, преквалификации, сега велат -дел од стратегијата ќе им биде јакнење на јавната свест – ќе ги убедувале младите дека ниту во странство не е добро.
Ќе влијаеме особено на младите луѓе да им се посочи дека ниту во странство не се сјајни условите за работа затоа што веќе имаме конкретни примери од некои компании кои што ни кажуваат дека работници кои што заминале во странство сега се враќаат, било поради тоа што не биле задоволни од условите кои што ги добиле таму, било поради фактот што не биле свесни дека и трошоците за живот и работа таму се многу повисоки од овдека, вели Елена Милевска Штрбевска од СКМ.
Заменикот амбасадорот нема конкретни податоци колку македонци работат во Германија, легално и на црно, но вели годишно издавале по 10.000 визи за престој по разни основи.
Има ситуации каде познавам луѓе кои се преселиле од Македонија во Германија и нормално добиваат повисоки плати, но од друга страна кажуваат дека кога ќе ги земат во предвид трошоците за деца и треба да плаќаат градинка и за нивна грижа, на крај краишта сепак излегува многу повеќе тоа што треба да го платат и тврдат дека доколку го знаеле ова претходно би размислиле малку повеќе околу селењето. Постојат две страни на медаљонот, вели Ото Граф заменик амбасадор на Германија во Македонија.
Ниту домашните ниту германските инвеститори во земјава за сега не размислуваат за опцијата да им понудат европски плати на работниците во земјава. Велат платите зависат од многу фактори, пред се од растот на продуктивноста.
Она што германските компании во суштина го прават е тоа што нудат еден вид на пакет услуги, пример нудат подобро здравствено осигурување каде што промовираат некои услуги од приватното здравство, добиваат превоз итн, додава Граф.
Активносит кои се во насока на зголемување на платите се прашања кои се исклучиво во делот на активности на самите компании, согласно условите за работа, конкурентноста, условите на пазарот, вели Милевска Штрбевска.
Анализите пак покажуваат дека не се пресудни само платите, туку Македонците се иселуваат и поради нефункционирањето на целиот систем во земјава.
Александра Филиповска