За час паркирање на затвореното паркиралиште “Дом на градежници” ќе се плаќа 250 денари

Огромна цена за час паркирање ќе плаќаат сите што ќе сакаат своите возила да ги остават на затвореното паркиралиште „Дом на градежници“ во Центар. Наместо 50 денари како досега, тие ќе треба да плаќаат пет пати повеќе, или по 250 денари за час.

Новата астрономска цена ќе почне да важи веќе од 9-ти овој месец.

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта на општина Центар, ПОЦ извести дека го менува начинот на организирање и наплата на паркиралиштето, а одлуката, велат, ја донеле со цел да се реши проблемот со паркирањето и да им се овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните живеалишта.

Жителите на Центар своите барања до ПОЦ ги доставиле во форма на петиција во која се наведени предлог итни мерки за решавање на проблемот со паркирањето со кој секојдневно се соочуваат.

„Воедно ќе се редуцира бројот на часови на гостинската (м-карта) на 2 часа, по 17:00 часот неограничено, ќе се воведе систем за препознавање на регистарски таблички и ќе се отстранат постоечките картички. Исто така, ќе се ограничи пристапот на комбињата за дотур на стока, односно ќе им се овозможи бесплатен пристап од 5:00 до 7:00 часот, во спротивно ќе ја плаќаат редовната цена за паркинг за еден час“, велат од ПОЦ.

Директорот на ПОЦ Васко Кичевски вели дека во изминатите неколку месеци имале повеќе средби со куќните совети на станарите што го користат тоа паркиралиште, и заеднички нбарале решенија како да се реши паркирањето на ова паркиралиште.

-Жителите доставија до нас петиција со разумни мерки, ние ја разгледавме и ја усвоивме таа петиција. Веруваме дека овие мерки значително ќе помогнат во решавање на проблемот со паркирањето, ќе придонесат да се воведе поголем степен на контрола и ред во паркирањето и ќе им овозможат на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните домови“, вели директорот Кичевски.

Одлуката за усвојување на Петицијата, донесена од Управниот одбор на ПОЦ беше изгласана на последната седница на Советот на Општина Центар.

Нина Нинеска Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ