За Бугарската академија на науките Македонскиот јазик е бугарски дијалект

Поттикнати од објавувањето на „Повелбата за Македонскиот јазик“ на МАНУ, објавена на 3 декември, бугарската академија одржала вонредна седница на која дошле до едногласен заклучок дека Македонскиот јазик не постои, туку е писмено-регионална норма на бугарскиот јазик.

Изјавите на членовите на академијата беа едносгласни и категорични во одбрана на научните вистини и факти кои се однесуваат на историјата, потеклото и карактерот на официјалниот јазик во Република Северна Македонија, кои во цитираната повелба се претставени некоректно и со извртување на научната терминологија. БАН и САЧК сметаат дека искажаната позиција на МАНУ во спорниот документ е невистинита и неприфатлива и штетна за односите меѓу двете држави,

се вели во официјалното соопштение на бугарската академија.

Повелбата на МАНУ според БАН предизвикала многу научни забелешки во Бугарија. Поради тоа БАН побарала мислења од Институтот за бугарски јазик, Кирило-методиевскиот научен центар и Институтот за историски истражувања. Во мислењето на Институтот за бугарски јазик кое пристигнало во БАН се оценува дека македонскиот јазик е плод на политичка конструкција. Доцент Ана Кочева во гостувањето на Бугарската национална телевизија образложува понатаму:

Сите го знаеме датумот на неговото раѓање, 2 август 1944 година, местото манастир Свети Прохор Пчињски. Во Институтот за бугарски јазик многу одамна го имаме дијагностицирано тој јазик. Го напишавме нашиот став за неговата природа, но во последните години ги прочитавме стенограмите за создавањето на т.н „Македонски литературен јазик“ и наидовме на многу интересни и релативно нови факти. Тие се поврзани со начинот на кој се конструира тој јазик преку деконструкцијата на бугарскиот литературен јазик,

изјави доц. Ана Кочева во гостувањето на емисијата „Утрински блок“ на Бугарската национална телевизија.

Истиот став го дели и Кирило-методиевскиот научен центар.

Современиот официјален јазик на Република Северна Македонија е резултат на политички причини, а не на лингвистички развој и претставува регионална бугарска литературна норма, создадена на база на бугарски дијалекти од Македонија и кодифицирана со решение од мај 1945 година,

се вели во нивното милење доставено до БАН.

Бугарскиот Институт за историски истражувања отиде најдалеку во нивниот обид за негирање на постоењето на македонскиот јазик, оценувајќи дека станува збор за „бугарски напишан на српска машина за пишување“.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ