За архитектите мораториум е решение за Карпош, за градоначалникот тоа не е ниту опција

Да се ревидираат Деталните урбанистички планови и да се постави мораториум. Според архитектите, само така може да се реши урбанистичкиот хаос кој и се заканува на општина Карпош.

Во разговор за Телма, архитектот Владимир Пота и порача на локалната самоуправа да ги избрише планираните површини за градење во ДУП-от.

„Да се стопираат незапочнати реализации на тие површини за градење и да си останат зелени површини. Несреќата е во тоа што на тие површини има луѓе што добиле право нерегуларно да изградат објекти, со едно евро по квадрат ги приватизирале и сега од суб-стандард се добиваат станови за живеење. Доволно била зелена општината, доволно е уништена. Тоа што е преостанато да не се уништува.“ кажа Владимир Пота, дипломиран инженер архитект.

Мораториум не е една од опциите за градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев.

Тој смета дека градењето не смее да запре, но тоа не смее ниту да влијае на квалитетот на животот на жителите на Карпош.

„Градењето не може да се спречи и не е нормално во било која држава да се спречи, меѓутоа сето тоа мора да биде хумано регулирано во деталните урбанистички планови, односно да се водиме по мислењето на стручни лица при изработка на детални урбанистички планови -архитекти, комори на архитекти, здруженија на архитекти, градежници.“ кажа Стефан Богоев, градоначалник на Општина Карпош.

Карпошани се надеваат дека градоначалникот ќе го смени мислењето и ќе воведе мораториум.

Велат, сменет е изгледот на нивното населено место. Прашината од багерите им влијае на здравјето.

Се пожалија дека се гушат бидејќи нема струење на ветрот покрај новите згради кои никнуваат на секој чекор.

„Премногу е изградено и ни смета навистина. Порано имаше повеќе дрвја, зеленило, се. Сега се се уништи, нема ни зеленило ни ништо. Како што имавме видик за гледање, сега немаме ништо.“

„Треба да се знае каде да се гради. Треба да има план. А, не секој градоначалник да прави како што сака.“

„Треба да се забрани градење, многу. Има простор каде да се гради. А, не овде зграда до зграда.“

Според извештаите на Државниот завод за статистика, Карпош е една од општините кои предничат по бројот на добиени дозволи за градење во изминатите месеци.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ