
За Анѓушев функциите се минливи, релаксиран е за најавените смени
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска изјави дека сите државни функционери треба да бидат свесни оти еден ден ќе ја напуштат функцијата, посочувајќи дека е релаксиран во однос на најавената реконструкција во Владата.
Чест е да се биде член на Влада, но исто така секој кој добил државна функција треба да биде свесен дека еден ден таа функција и ќе ја напушти и тука јас не гледам голема трагедија во сето тоа. Јас лично сум релаксиран по тоа прашање и мислам дека кој и да било да одговори на тоа прашање освен премиерот е несерозно и немам што да одговорам повеќе, изјави Анѓушев, одговарајќи на новинарски прашања.
Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, пак, во коментар дали смета дека ќе остане на министерската позиција истакна дека тоа е проценка која прво треба да произлезе од граѓаните и од политичките структури што се коалицииски партнер. Ќе биде испочитувана, потенцира, секоја нивна одлука.
Според Фазлиу, најважно да се применува владината програма, а промените се нормална работа во демократски развиени држави.