
Вучиќ му порача на Пендаровски дека им се умилкува на Германците
Од додворување кон Германија, до порака да молчи „на јазикот кој никој не го признава“, се рекациите на српските официјални претставници на ставот на претседателот на државата, Стево Пендаровски, даден за косовски весник, дека тој ги поддржува меѓународните напори за постигнување напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина, но оти е против менување на границите.
„Претседателот Пендаровски верува дека решенија кои можат да доведат до промена на границите и размена на територии и луѓе може да имаат штетно влијание врз регионот и врз сеоопфатните напори кои се вложуваат во постконфликтното опоравување на регионот и изградбата на одржливи мултиетнички општества“, е ставот на Пендаровски даден за весникот „Газета експрес“.
Прв на ставот на Пендаровски гневно реагираше министерот за одбрана на Србија Александар Вулин, кој притоа го искористи прашањето на македонскиот јазик кое деновиве се отвори во релациите меѓу Скопје – Софија.
„Претседателот на Северна Македонија може слободно да молчи на јазикот кој никој освен Србија не му го признава, а на останатите јазици може уште погласно да молчи, бидејќи никој ниту му бара ниту му го прифаќа мислењето“, гласи реакцијата на Вулин.
Поумерен во зборовите, но не и помалку дирекетен, утрово беше српскиот претседател Александар Вучиќ. Според него Пендаровски со изјавата сака да и се додвори на Германија, чиј шеф на дипломатиијата, Хајко Мас, како што вели Вучиќ имал идентична изјава. Тој во рекацијата вели дека уште лани го молел Пендаровски да не зборува на оваа тема.
„Како господ ве молиме тоа не е ваша работа, немој за тоа да зборувате, а кога зборувате за тоа размислете дека постојат такви кои размислуваат поинаку од вас. И тие, секако, направија се спротивно на таа моја молба и овој пат, мислам, и се од постигнатиот договор, за уште еднаш да се истакнат во своето умилкување кон Германците“, вели Вучиќ.
Инаку ова не е првпат српските официјални претставници остро да реагираат на ставовите на шефот на државата дека се противи на менување на границите во регионот, кој воопшто не е нов и непознат. Пред безмалку една година токму Вулин на речиси идентичен начин реагираше на изјавата на Пандаровски дека идејата за корекција на границите помеѓу Белград и Приштина е незамислива, на што Вулин и тогаш му порача на Пендаровски да молчи за Србија онака како што молчи за „Голема Албанија“ на која карта се наоѓа пола од Македонија. Од тогаш до денес Пендаровски уште во неколку наврати го има искажано истиот став.
За најновите реакции од Србија за неговите ставови од Кабинетот на Пендаровски за Телма велат изјавата на Вулин не заслужува рекација, а оти изјавата на Вучиќ претседателот нема да ја коментира.
Тамара Грнчароска