
Втора понуда од Џи Сол до транспортерите на Фени
Еуроникел, претставништвото на фирмата Џи Сол која е закупец на комбинатот Фени, достави втора по ред понуда до транспортерите. Овој пат фирмата изрази подготвеност веднаш да ги исплати сите средства ,или 3,1 милиони евра колку што изнесуваат побарувања од фирмата Нова Логистик која ги ангажираше камионџиите за транспорт на руда. Еуроникел ги повикува транспортерите да ги отстранат блокадите поставени пред влезот на комбинатот и да овозможат непречен дотур на материјали за производство.
„Иако е надвор од законските обврски на Еуроникел, но со оглед на ситуацијата каде е извесен стечај на Нова Логистик, а со тоа дополнително ќе се влоши состојбата на транспортерите, одлучено е да се помогне максимално и да им се исплати вкупното побарување. Плаќањето ќе се изврши веднаш по утврдувањето на документацијата за побарувањата и потпишување на нотарски договори кои ќе бидат склучени со транспортерите“, соопшти Еуроникел.
Телма дознава дека договор е постигнат односно дека транспортерите ја прифатиле оваа понуда и дека ќе ги остранат блокадите пред влезот на фабриката за да може комбинатот непречено да работи. Сериозно влегување во битката за купување на Фени денеска уште еднаш потврди бугарската компанија Минстрој Холдинг АД која веќе ги има рудниците Злетово и Тораница. Од македонско бугарската комора чија членка е Минстрој тврдат дека понудата што ја дале за откуп на долговите е далеку поголема од таа за која се шпекулира во јавноста.
„Нашата членка Минстрој Холдинг АД, даде официјална понуда за 100% исплата на побарувањата на Комерцијална и Стопанска Банка на ден, која што вклучува исплата на главница,гаранции,камати, пенали и останати трошоци како и покривање на трошоците на стечајната постапка.За сериозноста на нашата понуда понудена е гаранција од првокласна банка и даден е депозит кој стои во банка во Р.Македонија и чека на одлука од банките како главни доверители, да им биде префрлен на нивна сметка.Покрај исплатата на сите доверители Минстрој достави понуда до Владата и Банките дека во наредните две години ќе вложи инвестиции од 30 милиони евра за санација на двете електро печки и останатата опрема. Исто така остануваме на официјалната понуда кон останатите доверители за исплата на побарувањата утврдени во стечајната постапка во висина од 100%“, соопштија од Минстрој Холдинг.
Пред 10 дена вицепремиерот Анѓушев рече дека Минстрој едно понудиле на состанок со владините претставници, а сосема друго на средба со банките доверители односно дека обештетувањето нема да биде 100 % туку со одреден процент.
Виолета З Стојановска