
Втор месец ги нема сите учебници за основците, Бирото за јавни набавки допрва ќе прави проверка на постапката
Тече вториот месец од почетокот на учебната година, а дел од учебниците сеуште ги нема . На социјалните мрежи врие од реакции. Родител пишува дека учебникот по Македонски јазик за 6 одделение сеуште не го добиле во училиштето на неговото дете и дека се повторува ситуацијата со години и станува нормална. Министерот за образование вели дека јавната набавка за печатење е завршена , но допрва, Бирото за јавни набавки треба да ја проверува постапката, по што ќе се печатат учебниците што недостасуваат.
- Јавната набавка за печатење заврши. Одлуките се потпишани. Бирото за јавни набавки треба да ја заврши постапката за проверка, по што ќе се потпишат договори и ќе се пристапи кон печатење на учебниците кои недостасуваат, рече Арбер Адеми- министер за образование и наука.
Родител кој живее сам со дете бара реакција од Министерството за образование, за измени во учебникот по Општество за 4 одделение зашто неговото дете, како што вели, е вознемирено од дефиницијата за потесно семејство, која вклучува мајка, татко и деца. На ова прашањето од Телма, министерот Адеми со одговор дека тој учебник е повлечен. Но, кога доби друго прашање дека во учебникот по Македонски јазик за 5 одделение , пубертетот кај децата е опишан на недоличен начин, Адеми повика за таквите грешки родителите да се обратат до Педагошката служба со конкретен предлог за отстранување на тие содржини од учебниците.
Сотир Трајков