
Втор ден јавна расправа за Законот за ЈО
Јавната расправа за законот за јавното обвинителство денеска продолжува во Собранието. На вчерашната жестока расправа, претставниците од стручната фела изнесоа свои размислувања и забелешки за предложениот текст и се очекува дел од нив да се најдат во текстот на законот кој допрва треба да биде доставен во собраниска процедура. Според најголем дел од нив закон за јавното обвинителство е потребен и тој треба да биде донесен од Собранието.
Предложениот текст, што претходно беше доставен до учесниците на расправата, го образложи министерката за правда Рената Тренеска Дескоска која очекува од дебатите да произлезе одговор за решавање на повеќе прашања кои се, како што рече, „камен на сопнување“ за носење на законот.
Спорните прашања, според Дескоска, се каква треба да биде улогата на политичките партии во изборот на јавните обвинители за организиран криминал и корупција, дали треба да има рокови за затворање на одредени постапки, рокови за важење на доказите како што се бара во однос на оние што произлегуваат од прислушуваните разговори, критериумите за разрешување на обвинителите, личната и материјална одговорност, и дали треба да постојат финансиски гаранции. Исто така постојат и дилеми за поделба на надлежностите помеѓу Јавното обвинителство и Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Државниот јавниот обвинител Љубомир Јовески смета дека ни е неопходен закон за ЈО кој ќе обезбеди услови, основи за силно професионално и неселективно и одговорно обвинителство. Според него, предложените решенија во работниот текст на законот ја зацврстуваат самостојноста на јавните обвинители. Јавниот обвинител, според него, не треба да се бира на предлог на политичките партии, туку дека тоа треба да биде во надлежност на Советот за јавни обвинители.
За време на обраќањето на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од галеријата каде што новинарите ја следат јавната расправа ставија траспарент на кој пишуваше: Господине Јовески до кога ќе го криете писмото со кое притворената Катица ви даде незаконска наредба? (чл.60, закон за ЈО).
Јовески не реагираше и продолжи со обраќањето, повикувајќи да се донесе закон за јавно обвинителство, што нема да е од партиски интерес.
Академик Камбовски рече дека законот мора да се донесе и по цена да се одложат изборите, додека професорките од Правниот факултет, критикуваа дека законот е речиси целиот противуставен и треба да се доработи, наместо да се бара двотретинско мнозинство за да се донесе ваков како што е. Поранешната обвинителка во СЈО, отиде и подалеку, барајќи помош од ЕУ.
Законот е се уште во работна верзија и ќе биде поднесен во Собранието откако експертите ќе го кажат своето мислење. ВМРО-ДПМНЕ дадоа бројни забелешки, а власта се обидува да обезбеди двотртетинско мнозинство и без нив.