
Вселенската патријаршија задоволна од развојот на настаните со МПЦ
Вселенската патријаршија е задоволна од развојот на настаните со македонската црква, но и од барањето таа да влезе во семејството на останатите православни цркви под името Охридска архиепископија – ова е исходот од средбата на вселенскиот патријарх Вартоломеј со поглаварот на Грчката православна црква Јеронимос како и претседателот на Грција Павлопулос и грчкиот премиер Ципрас.
,,Во однос на црквата на Скопје, прашањето што го споменавте, тоа е во рамките на канонските обврски на Вселенската патријаршија да се обидува да ги отстранува расколите каде штo постојат и да работи на сеправославна обединетост и соработка, како што правиме во сите овие години“, рече Вартоломеј.
Ципрас ги поздрави обидите за позитивно решение на црковниот аспект на разликите.
,,Ние се обидуваме да ги решиме црковните разликите што постојат веќе многу години и попречуваат две соседни земји да имаат една нормална соработка и заеднички тек. Верувам дека можноста за решение би можело да создаде средина на стабилност и развој на Балканот, нешто што ни е потребно, но и соработка, добра соработка меѓу два соседни народи кои во мнозинството имаат православна христијанска вера и ова е важен елемент што не треба да го занемариме“, рече Ципрас на почетокот на средбата со Вселенскиот патријарх.
Средбите на Вселенскиот патријарх Вартоломеј со архиепископот Јеронимус, со претседателот Павлопулос и со премиерот Ципрас, се одржуваат на само неколку дена по соопштението од Вселенската патријаршија дека „во рамките на надлежностите и прерогативите на Вселенскиот патријарх, ќе биде разгледано и ќе се преземе тоа што е потребно за враќање на црквата на Скопје во канонски рамки под името Охридска архиепископија“.
Со спласнување на политичкиот моментум во преговорите, до израз дојде црковниот елемент, откако, во македонската јавност се обзнани информацијата дека на МПЦ не и пречи промена на името во регистерот на православните цркви, како Охридска архиепископија.
Статусот на МПЦ официјално не е дел од пакетот во преговорите за решавање на спорот за името. Но, симптоматично е што премиерот Заев пред месец дена упатил писмо до Вартоломеј во кое се бара помош и поддршка за решавање на прашањето со МПЦ. Грчките медиуми денешните средби на Вартоломеј со грчкиот државен врв ја поврзуваат со напорите за решение на спорот.
Македонските власти се одлучија за тотален молк по одлагањето на клучниот телефонски разговор помеѓу Ципрас и Заев.
Од Грција пак штуро се огласи портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос кој рече дека топката е на теренот на соседите, тие да го направат одлучувачкиот чекор кон решението, додека Атина чека.
Ивор Мицковски