
Вселенската патријаршија задоволна од развојот на настаните со МПЦ
Вселенската патријаршија е задоволна од развојот на настаните со македонската црква, но и од барањето таа да влезе во семејството на останатите православни цркви под името Охридска архиепископија- ова е исходот од средбата на вселенскиот патријарх Вартоломеј со поглаварот на Грчката православна црква Јеронимос како и претседателот на Грција Павлопулос и грчкиот премиер Ципрас.
,, Во однос на црквата на Скопје, прашањето што го споменавте, тоа е во рамките на канонските обврски на Вселенската патријаршија да се обидува да ги отстранува расколите каде штo постојат и да работи на сеправославна обединетост и соработка, како што правиме во сите овие години,, рече Вартоломеј.
Ципрас ги поздрави обидите за позитивно решение на црковниот аспект на разликите.
,, Ние се обидуваме да ги решиме разликите што постојат веќе многу години и попречуваат две соседни земји да имаат една нормална соработка и заеднички тек. Верувам дека можноста за решение би можело да создаде средина на стабилност и развој на Балканот, нешто што ни е потребно, но и соработка, добра соработка меѓу два соседни народи кои во мнозинството имаат православна христијанска вера и ова е важен елемент што не треба да го занемариме, рече Ципрас на почетокот на средбата со Вселенскиот патријарх .
Средбите на Вселенскиот патријарх Вартоломеј со архиепископот Јеронимус, со претседателот Павлопулос и со премиерот Ципрас, се одржуваат на само неколку дена по соопштението од Вселенската патријаршија дека „во рамките на надлежностите и прерогативите на Вселенскиот патријарх, ќе биде разгледано и ќе се преземе она што е потребно за враќање на црквата на Скопје во канонски рамки под името Охридска архиепископија“.