
Врховен ги објави решенијата за укинатиот притвор на Камчев, Панделевски и Јосифовиќ
По речиси два месеца во затворот во Шутка а потоа и два во границите на својот дом, бизнисменот Орце Камчев ќе се брании од слобода. Врховниот суд го укина домашниот притвор за него но и за уште двајца осомничени од Империја Цветан Панделевски од Пелистерка и Ненад Јосифовиќ, потврдија и официјално попладнево од судот.
Од објавените решенија може да се забележи дека клучниот аргумент на судиите е токму начелното правно мислење што неодамна го донесе самиот Врховен суд според кое СЈО не може да покренува обивненија и да отвора истраги по 30ти јуни 2017 и дека по исекот на овој рок е неовластен тужител.
- СЈО поднело предлог за определување на мерка притвор против обвинетиот Ј.К. во ноември 2018 година, што е по истекот на 18 месеци, од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност. Оттука, СЈО не било овластено и не можело да поднесува предлози за определување на мерка притвор против обвинетиот, како и предлог за продолжување на мерката куќен притвор против обвинетиот, бидејќи нема таква стварна надлежност по истекот на 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, се вели во решението на Врховен.
Образложенијата за тројцата осомничени се речиси идентични. Судиите од врховен сметаат дека временскиот лимит на од законот за СЈО треба да се толкува во корист на обивнетиот. Своето толкувањето на членот 22 го оправдуваат со правната сигурност и владеење на правото.
Врховните судии при носењето на ваквите одлуки воопшто не го земале предвид предлогот на СЈО со образложение дека СЈО нема својство на овластен тужител во постапката за Империја, пишува во образложението. Ова следува откако првично Врховен побара мислење од редовното обвинителство за куќнитe притвор но Јовески и го препрати на Јанева.
Следен кој чека на ред ослободување од домашен притвор е ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков кој уште во петокот поднел жалба до Врховен. И тој е осомничен во Империја, предметот во кој СЈО истражува милионски суми на перење пари, измами, оштетување на доверители, злосторничко здружување, сторени од 2002 година до 2013.
Сите 4 – ца речиси два месеца беа во Шутка но потоа на предлог на СЈО пред Нова година беа пуштени во домашен притвор.
Во решенијата објавени на веб страната на Врховен, се наведени причините поради кои СЈО барало куќен притвор но и кои биле контраргументите на одбраната. За Камчев СЈО образложувало дека освен македонско поседува и бугарско држвјанство но и имот во странство. Се посочува дека треба да се сослушуваат и други сведоци но и дека од крајот на јануари истрагата за него е проширена со уште едно кривично дело, оштетување или повластување на доверители (сторено на штета на доверителите на
правното лице М.П.М). Според СЈО пред да биде приведен Камчев добил сознанија од други осомничени дека ќе се врши претрес во неговиот дом, по што сокрил предмети кои биле во неговиот сеф и неговиот мобилен телефон.
Одбраната се повикала на правното мислење на Врховниот суд дека СЈО не е овластен тужител и дека решенијата на Кривичен и Апелација за куќниот притвор, се незаконити. Во решението може да се прочита и дека адвокатите се жалеле до Врховен дека понискиот суд воопшто не го ценел фактот дека обвинетиот е неосудуван, истакнат бизнисмен кој раководи со успешни компании во земјава со 3000 вработени лица, кој ужива углед на успешен човек, кој не се занимава со криминални дејства, пишува во решението.
Елена Ивановска Мукоска