
Враќање од Малта на 118 граѓани поради коронавирусот
Во 14:37 минути, јужно од пистата на хоризонтот се појави виолетовиот авион, првиот во воздушниот мост за македонските граѓани останати низ светот со желба и барање да се вратат во татковината. Визерот долета од Ла Валета, Малта- донесе вкупно 123 патници, 118 се државјани на Северна Македонија, четворица Црногорци и еден од Косово. Не ги поминаа редовните аеродромски процедури, а по нив стигнаа 5 автобуси кои ќе ги превезат во 15-дневниот карантин, во некој од пријавените хотели за таа намена.
На пистата им се вршеше граничен полициски преглед, но се спроведоа и првите лекарски анкети за нивната здравствена состојба. Потоа се качуваа во автобуси по 20 и неколку патници за да имаат растојание. На крај автобусите тргнаа кон карантините.
Првично за денеска пристигнатите граѓани има сместување во карантин во објекти во Скопје, Охрид и во Велес. Во денешната тура се граѓани кои ќе стигнат од Малта и од Хрватска. Маллтешките Македонци се упатија кон Велес.
Иако пријавени 147 луѓе, стигнаа 30-тина помалку затоа што дел од нив се откажале од патот. Авионот со кој стигнаа потоа со 4 патници од Македонија, хравтски државјани замина за Загреб за втората хрватска тура повратници и бегалци од корона состојбата. Во МНР велат дека авионите се најмуваат како чартер летови, а потоа цената се дели на сите патници подеднакво и тие самите ќе го плаќаат. Само карантинското сместување е на државен трошок.
Во рокот до неделата, во МНР и амбасадите ширум светот се пријавиле вкупно 5.250 граѓани кои сакале да се вратат во Македонија. Но само 2900 од нив ја прифатиле обврската од 15-дневен карантин што им ја обезбедува картата до Скопје, објаснуваат од МНР. Најголем дел од пријавените се наоѓаат во Европа, но 350 граѓани барале помош од останатите подалечни континенти.
Од МНР велат дека постапката со граѓаните заглавени на другите континенти е покомплицирана, но прават напори да се организира хуманитарен транспорт и за тие граѓани. Досега се организирани два хуманитарни повратнички лета, вториот е од Загреб, со кој вечерва треба да стигнат околу 170 граѓани иако првично се пријавиле 226 луѓе за враќање.
Миомир Серафиновиќ