
Вработените во Државната комисија за инспекциски надзор и прекршочна постапка 4 месеци без плата
Вработените во Државната комисија за одлучување по втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка повеќе од 4 месеци немаат земено плата. Со разрешувањето на претседателот и членовите од претходниот состав на 19ти март од страна на Собранието на Македонија комисијата е нефункционална. Вработените истакнуваат дека целокупното функционирање на комисијата е во комплетен застој, при што трпат граѓаните чии постапки се водат по жалба пред оваа институција. Тие се жалат не само на немањето плата, туку и на условите за работа. Запечатени фотокопири, натрупани предмети, руинирани клима уреди се само дел од секојдневието со кое се соочуваат вработените во оваа државна институција.
Вработените се обратиле и до Собранието на Македонија од каде им одговориле дека чекаат избор на нови членови на собраниска седница. Таа седница не се одржала 6 месеци. Телма се обрати за став на Собранието за овој проблем, но од таму не упатија за став за некој ден по комплетирањето на собранието.
Во Државната комисија за одлучување по втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка работат 28 вработени.
Јордан Дуков