Вработените на Клинички протестираат и за поголеми плати

Одлуката на Град Скопје останува, вработените на Клинички ќе паркираат за повеќе пари. Тие и денес протестираа и половина час ги блокираа наплатните места за излез од паркингот.

Министерот за здравство Филипче и градоначалникот Шилегов вчера разговарале, но не нашле решение.

  • Два дена откако вработените на Клинички за првпат излегоа на протест, денес тие третпат се побунија. Велат покачувањето на платите коешто го добија ќе треба да го дадат дополнително, за месечен билет за паркинг место.

Вработените денес ги проширија своите барања. Сакаат да се сретнат со премиерот и притискаат да добијат поголемо покачување на платите, а не 5% како што објавија властите.

Метежот се создава поради тоа што се издадени 1500 месечни карти на просторот предвиден за 670 возила.

За сообраќајниот хаос кој владее таму, став имаат и најзасегнатите – пациентите кои секојдневно ги полнат Клиниките.

Тие сметаат дека докторите се привилегирани дури и кога треба да плаќаат 800 денари месечно за паркирање.

Од Министерството за здравство сметаат решение на проблемот со сообраќајот во дворот на болниците е да го вратат паркингот под нивно стопанисување, а размислуваат за монтажна катна гаража.

Вработените на Клинички се заканија дека секој ден ќе ги блокираат наплатните пунктови на паркингот и ќе протестираат, додека не најдат решение со властите.

 

Петар Догов

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ