
Вработените бараат да заврши стечајот на ФЕНИ
Вработените во Фени бараат да се стави крај на стечајот на комбинатот. Разочарани се од одлуката на Апелациониот суд да го врати планот за реорганизација на повторно постапување и одлучување, велат дека им е доста од неизвесност, несигурност и според нив непотребно пролонгирање на стечајната постапка. Преку писмо до јавноста порачуваат дека Фени треба да работи со полн капацитет, за да можат да земаат повисоки плати и да добијат трајно вработување
„Работиме нормално и со нормално производство, плата се зема редовно а се исплаќа и К15. Единствен проблем ни претставува стечајот, имаме договори месец за месец, неизвесноста се одразува и на нас, никој не знае што ќе биде. После излегување од стечајот за нас ќе следи трајно вработување и зголемување на платите. Заради статусот „во стечај“ не може да се склучат долгорочни договори со соработниците и со тоа да се добие подобра цена“, велат од Синдикатот на вработени во Фени.
Планот за реорганизација беше прифатен од страна на одборот на доверители уште во јуни, а потоа и ревидиран и дополнет од страна на швајцарскиот инвестициски фонд „Џисол“ како најголем доверител и инвеститор во Фени. Одборот на доверители на рочиштето закажано за утре, во велешкиот суд ќе го разгледува планот за реорганизација и ќе одлучува за негово конечно одобрување
Жалбата до апелација беше поднесена од страна на дел од доверителите, кои се жалат на одлуката на судот да не ја прифати понудата на бугарски „Минстрој“ кој сакаше Фени да го купи за 100 милиони евра. Против планот за реорганизација беше и Транспаренси Интернешнл Македонија која тврди дека постапката има неправилнсоти. Финансиската полиција пак води истрага кој и како го направил долгот од 67 милиони евра и дали зад раководењето на комбинатот има и кривично дело кое довело до задолжување и стечај.Фени е во стечај речиси една година. Во фабриката работат 800 работници а комбинатот има значаен удел во БДП на државата и во вкупниот извоз
Виолета З. Стојановска