Возила, бина, пијалоци, апетисани – дел од јавните набавки во корона кризата
Агенцијата за храна набави клипинг услуга од компанија која ќе бира на кои медиуми ќе испраќа соопштенија, но и ќе мониторира кој медиум што ќе објави. А планира да потроши и 72.000 евра за јавна кампања и видеоспот за болеста африканска чума. Пазарниот инспекторат купи 10 возила за над 100.000 евра. Владата рамковно си се обезбеди со свежо месо и луксузни пијалоци за цела година, а ќе менува и столарија по општините за 274.000 евра со цел спроведување на мерките од програмата против аерозагадувањето. Град Скопје за печатење и укоричување на канцелариски материјал планира да потроши околу 100.000 евра, најмува и фирма за анкети која ќе го истражување јавното мислење, но и друга која ќе му обезбеди пристап до платформа за мониторирање и извештаи колку се објавуваат вестите за активностите на Градот. Голем дел од институциите си резервираа дури и авиобилети за службени патувања, си набавија бадеми, фстаци, лешници, чоколади, разноразни пијалоци, си купуваат и мебел, а некои и реновираат. Тоа се само дел од јавните набавки кои ги склучуваат институциите за речиси два месеци од кога трае вонредната состојба во земјава предизвикана од пандемијата со вирусот Ковид-19 и еден месец откако Владата им забрани да склучуваат договори за несуштински набавки, освен тие за справување со Ковид-19.
Општините пак се друга приказна. Кочани изнајмува бина, светло и озвучување за настани, Валандово ќе го уредува плоштадот за што ќе плати 36.000 евра. Кисела Вода склучи договор за ентерирно уредување на Домот на култура во Драчево за 36.000 евра, а Могила си купи транспортно возило за 24.000 евра.
Истражувавме колку институциите се придржуваат до заклучокот на Владата со кој им ги забрани непотребните набавки. Колку државните органи, агенции, јавни и државни претпријатија, општини се свесни дека преку непотребните набавки трошат пари кои се фиктивни и можно е да ги нема во буџетот или пак граѓаните ќе треба нивните набавки да ги плаќаат преку скапи заеми од странство?
Анализата покажа дека има помал број на набавки, но меѓу нив има и такви за кои се поставува прашањето колку се вистински неопходни во моментов?
Експертите се категорични – институциите во вонредна состојба морале да ги прекинат и поништат сите непотребни тендери. Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации вели дека кризите како оваа на светско ниво покажале дека нема секој чесна намера да спасува животи, туку некои и заработуваат Затоа според него во секоја набавка институциите мораат да образложат зошто им е нужно потребна. Вања Михајлова, поранешна антикорупционерка, повикува покрај резивијата и Антикорупциска да се вклучи во мониторинг на набавките дали евентуално има одредени злоупотреби.
Центарот за граѓански коминукации ги мониторира и итните набавки на институциите за справување со Ковид 19. Анализата покажала дека заклучно со вчера имало 144 итни набавки вредни 1,2 милиони евра. Симптоматично е тоа што најчесто има по еден понудувач, што пак влијаело на цената, и тоа што институциите не ги објавуваат договорите во рок од 10 дена. Филков вели дека веќе треба да се преиспита дали се уште има потреба од вакви итни набавки.
Но институциите со свое образложение за неопходноста на набавките.
Од Агенцијата за храна велат набавката за јавната кампања е во фаза на реализација, а договорот се уште не е потпишан. Станува збор за регионален проект, а парите ќе бидат вратени од ЕУ по неговата реализација.За тендерот за клипинг услуги пак велат го склучуваат секоја година и не се однесувал на непродуктивни трошења.
Постапката е почната пред стапување на сила на мерките на Владата и истата не се однесува на непродуктивни трошења. Договорот е склучен на 15 април годинава и истиот е со вредност од 120 илјади денари без ДДВ, објаснуваат од АХВ.
Од Град Скопје пак набавките ги правдаат со тоа што биле склучени неколку денови пред официјалните препораки на Владата, а тие не можеле да ги знаат идните насоки и одлуки.
Дека ќе се забранат набавките на возила не знаел и Директорот на пазарната инспекција Пауновски, кој договорот на набавката го склучил на 30 март, во време на вонредна состојба во државата и десетина дена пред владиниот заклучок. Вели со заклучок на Влада уште лани е одобрена набавка на визила годинава, оти Пазарниот инспекторат немал возила.
Градоначалникот на Кочани Николче Илиевго потпишал договорот за изнајмување на бина зошто според програмата за култура секоја година обезбедувал бини и озвучување за настаните.
Го потпишав договорот, но реализацијата е 0 денари. На 12 јули имаме Петровденски денови кои траат цела недела и мораше да имаме обезбедено бина доколку евентуално се реализира настанот. Целосно се придржуваме до препораките на Владата, вели Илиев.
И градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски го потпишал договорот за ентериер во Домот на Култура во Драчево вели тоа што ставил потпис не значи дека набавката ќе се реализира.
Постапката е почната пред заклучокот на Владата, го потпишав после тоа но ние ја стопиравме набавката и немаме нарачано мебел. Се прават пресметки во буџетот, и ако треба да се пренаменат парите и доколку се продолжат мерките за забрана за собири, ќе се поништи и договорот, изјави Темелковски.
Агенцијата за електронски комуникации пак покрај што набави пијалоци и засладувачи за 19.000 евра, ќе плати 742.000 евра за одржување на скапа опрема, набавува и клими, а планира и да реновира. Директорот Сашо Димитријоски изјави дека ништо не менувало ако се одложеле набавките за некој месец. А тие биле единствената институција која ќе донира 1 милион евра за борба со Ковид 19.
Инаку, владата на почетокот на април ја донесе одлуката за времена забрана на несуштински јавни набавки, кои не се поврзани со справување со корона кризата. За сите други набавки требаше да се бара дозвола од Владата. Од таму велат во април е преполовен бројот на набавки, а се преполовила и нивната проценета вредност.
Расходната ставка од буџетот во делот на стоки и услуги е намалена за 30% споредено со месец април претходната година.По однос на бројот на пристигнати барања за одобрување, во текот на месец април пристигнаа вкупно 53 барања, од кои 39 не беа одобрени, а 14 беа одобрени, информираа од Владата.
И додека институциите ги правдаат непотребните трошења во време кога едвај и да работат, земјава за прв пат во историјата е во вонредна состојба. Македонија ја живее најголемата криза која ја памети денешната генерација, а светот стравува дека ќе удри повеќе дури и од Големата депресија. Стопанството е на чекање и не знае дали ќе ја преживее, а дупката во државниот буџет се мери во најмалку 1 милијарда евра.
Александра Филиповска