
Воведување настава по кукларство бараат театарџиите од МОН
80% од децата не знаат детски приказни, ниту пак прават разлика меѓу театар и кино проекција, се жалат театарџиите. Според нив, во земјава во ни една образовна установа не се изучува детскиот и куклениот театар, па затоа и актерите не го познаваат. Театарџиите од МОН побараа да се вклучи кукларството како задолжителен или изборен предмет во основното и средно образование. Во меѓувреме, министерот за образование ги претстави новините во Законот за основно образование.
Висок процент од децата во земјава не ги знаат класичните приказни, ниту прават разлика меѓу театар и кино, се жалат театарските работници.
- Имаме правено истражување, во кое што има 80 % од децата, воопшто не се запознаени со основните класици-приказните, како „ Црвенкапа“, „ Јованче и гравот“,што е страшно. Во Битола ни се случи во анкета, децата да не знаат дали доаѓаат на театарска претстава„ Мачорот во чизми“, дали доаѓаат на кино проекција, рече Васко Мавровски- директор на театар „ Бабец “ и на фестивал„ Битолино“-Битола.
- За жал, ние во Македонија имаме мал број актери што знаат нешто повеќе околу куклите, кукларството, куклениот театар. Па, доаѓаме во ситуација да вградиме кукларски импулс на нашите сцени преку носење куклари и театарџии кои сериозно се занимаваат со куклен театар, од странство. Најчесто од Бугарија, изјави Бесфорт Идризи- актер, режисер и продуцент.
Со цел развој на детската креативност и фантазија, театарџиите очекуваат воведување на кукларството како задолжителен или изборен предмет во основното и средното образование. Во меѓувреме, министерот за образование ги претстави новините во Законот за основно образование. Со нив нема намалување на бројот на наставните денови, но се укинуваат одработувањата во саботите,а се регулираат и неработните денови за наставниците, рече Адеми. Според него, Наставничкиот совет ќе дава мислење за распределбата на часовите, бројот на ученици во паралелките ќе се намали на максимум 30, а минимум 20, а изборната настава предвидува исклучок, од 15 ученици во паралелка. Со цел департизација на образованието, бројот на членови во Училишните одбори се намалува од 10 на 7. Со новиот Закон за основно образование е предвидено воведување уметничко изразување, култура и мултикултура. Но иако побаравме, од МОН не добивме одговор дали детскиот, куклен театар е воведен во системот. Заинтересираните имаат право да достават забелешки и сугестии на Законот за основно образование во текот на следниве 20 дена, дополни министерот за образование.
Сотир Трајков