
Воведување на вонредна климатска состојба побараа учесниците на „Маршот за иднината“
Со транспаренти на кои пишуваше „ Климатските промени креираат сиромаштија“, „ Сибир ќе биде и тука“ и „ Вие ќе умрете од старост, јас ќе умрам од климатски промени“, и со повици до заменик министерот за животна средина-„ Јани одговори-куќата ни гори“ и „ Сакаме да дишеме“, 50 во најголем број млади луѓе денеска маршираа низ центарот на Скопје, како дел од глобалното движење против климатските промени „ Петоци за иднината“. Tие тргнаа од Министерството за животна средина , преку Собранието стигнаа пред Владата, каде барањата до власта во 5 точки, ги залепија на столбовите од поранешната ограда.
- Барањата се на тоа ниво, да се прогласи климатска криза, по примерот на бројни западни земји што имаат направено. Да ни овозможи да направиме некои многу посериозни чекори. Да воведеме предавања за климатските промени во образованието, да се воведе тело кое ќе работи на справување со проблемите на климатската криза. Да се прочисти енергетскиот сектор за кој знаеме, каков ни е, вели Никола Јовановски- „ Движење за иднината
Средба со заменик министерот за животна средина Макрадули досега не оствариле од „ Движење за иднината“, зашто како што велат, не очекуваат дека ќе има ефект. Но, ефектот од кампањата за собирање стрништа, без да се палат, го задоволил Град Скопје, од каде најавија дека кампањата ќе се повтори идната година. Од започнувањето на кампањата, на 20 август до денеска, над 120 жители на Скопје побарале бесплатно подигање на 600 метри кубни органскиот отпад, со што е спречено загадување на воздухот, појава на пожари и зачувување на плодноста на почвата. Според градоначалникот, тројца граѓани кои биле фатени во диво палење, биле парично казнети со по 1000 евра. Шилегов најави дека зголемувањето на бројот на комунални инспектори им е приоритет ,за разлика од претходната власт.
- Комуналната инспекциска служба во Град Скопје, покрај чуварската и шоферската, што ги развивале во минатото, не била предмет на развој. Ние сега даваме приоритет на развој на инспекциската служба, рече градоначалникот Шилегов.
Осовременување на јавниот транспорт и управување со топловодната мрежа од Град Скопје, по издавање на лиценцата во ноемри за новоформираното претпријатие „ Градски енергетски системи“, се нови мерки против загадувањето на воздухот , кои допрва треба да стапат на сила.
Сотир Трајков