Вонредните избори крајна варијанта за ДУИ?

Да се исцрпат сите можности да се добие двотретинско мнозиство за договорот за името во Собранието, па дури потоа да се разгледуваат можните варијанти. Ова е одговорот на вицепремиерот Бујар Османи, на прашањето, дали ДУИ се за предвремени избори, откако и Ахмети вчера изјави дека нема потреба од нешто такво, затоа што постојните институции имаат целосен легитимитет да одлучуваат.

Османи демантираше дека се полнеле гласачки кутии во места каде претежно живеат Албанци, особено во Сарај, и рече дека ги охрабрува институциите да ги истражат овие наводи. Тој лично смета дека немало нешто такво. Ги негираше и тврдењата дека Албанците не гласале во доволен број. Тврди дека излегле околу 270.000 Албанци, а тоа, споредено со сите изборни циклуси, според него, се максимум од тие што се во државата.

Споредба со претходните изборни циклуси, правеше и вицепремиерката Шеќеринска. Покажа графикони, според кои коалицијата „За европска Македонија“ добила повеќе гласови од победниците на сите парламентарни избори во историјата на независна Македонија.

Но, на претходните графикони, освен на последниот, ги нема гласовите на партиите на Албанците во Македонија. Оттаму, се отвора и дилемата, дали и на евентуалните предвремени избори, предреферендумската коалиција планира да настапи заедно? Ни едната, ниту другата страна не сакаат да коментираат за ова, велејќи дека засега е приоритет да се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ