
Вонредни скрининзи во Тетово по последниот пораст на случаите коронавирус
Во Тетово и околината ќе се прават вонредни скрининзи на населението, поради трендот на раст на бројот на заболени лица од Ковид-19.
Тестирањето ќе започне во текот на следните денови, во соработка со матичните лекари, во местата за кои се смета дека можат да станат потенцијални жаришта.
Оваа одлука е донесена по вчерашниот состанок на тетовските здравствени власти со претставници на Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, врз основа на увидот во кој било констатирано дека во Тетово не се почитуваат мерките за заштита, информираше доктор Наим Скендери од Центарот за јавно здравје Тетово.
Доктор Скендери вели со олабавувањето на мерките граѓаните се опуштиле, со оглед на тоа дека сега се отворени угостителските објекти и моловите, но мерките за заштита како носење маска и држење социјална дистанца мора да се почитуваат.
И бројките на полицијата укажуваат на непочитување на мерките.
На подрачјето на СВР Тетово од седината на овој месец изготвени се над 530 прекршочни платни налози за неносењето заштитна опрема.
Со денешните нови 9 случаи на Ковид -19, бројката во Тетово и околината достигна 191, од кои 20 починати лица, додека активни случаи се 69.
Данијела Билбилоска