
Вонредни мерки на владата против корона вирусот
Децата, учениците, средношколците и студентите од утре ќе имаат непланиран и од корона вирусот изнуден двонеделен распуст.
Како најважни мерки против ширењето на заразата прифатени се препораките на комисијата за заразни болести и сите градинки, училишта и факултети ќе бидат затворени 14 дена.
За да ги чуваат децата дома, платено отсуство и во државно и во приватно ќе добие по еден родител на помали од десет години.
Владата објави сет од вкупно 19 дополнителни мерки, се забрануваат сите јавни настани и собири со повеќе од илјада учесници, додека за помалите собири се предлага одложување.
Спортските натпревари во следниот месец ќе се одржуваат без публика, а во тоа спаѓа и фудбалскиот натпревар Северна Македонија-Косово.
Се забранува извоз на медицински средства и материјали, се препорачува мирување дома за постари и хронично болни граѓани и нивно избегнување на јавен транспорт. Забранети се сите автобуски и транспортни линии кон ризичните земји дефинирани од Светската здравствена организација.
На таа листа спаѓаат Италија, Франција, Кина, Кореја и препораките се доколку некој се врати да остане во самоизолација. Не треба да се патува во тие земји, иако Филипче смета дека граѓаните треба да покажат поголемо ниво на свест и да избегнуваат секакви патувања.
Меѓу новите мерки е и барањето ДИК да ги ослободи од изборните активности сите вработени во јавното здравство за да бидат активни во медицината.
Но Филипче не сакаше да прецизира дали ќе има одложување на изборни активности, па дури и изборниот ден.
Нов потврден случај нема, а 16 годишна пациентка се тестира со симптоми на дишните органи. Сите 7-мина пациенти позитивни на корона, имаат лесна клиничка слика, а првата пациентка е пред последни контроли и пред пуштање од инфективна.
Миомир Серафиновиќ