
Вонредната состојба и изборите
Политички и државен консензус за преговарачкиот процес со ЕУ. Ваква иницијатива има вицепремиерот Бујар Османи, во која смета дека треба да се вклучени не само Владата и претседателот, туку и сите политички субјекти. Неопходно е собраниските комисии да бидат функционални, како и Комисијата за европски прашања, укажува Османи, бидејќи првата меѓувладина конференција со Европската комисија се очекува на есен и треба да се формира преговарачка структура.
Од кабинетот на шефот на државата велат дека би можело да се свика лидерска средба за ова прашање.
Во однос на прашањата кои се од стратешка важност за државата, како на внатрешен, така и на надворешен план, претседателот е подготвен да свика лидерска средба, доколку за тие прашања има согласност од политичките партии. Но, во овој период, главниот фокус е ставен на справување со кризата предизвикана од пандемијата на ковид и утврдување на термин за предвремените избори, соопшти кабинетот на Пендаровски.
Османи е воздржан околу терминот за избори. Пресудни ќе бидат здравствениот билтен и вонредната состојба, која истекува во сабота, но би можела да биде продолжена по четврти пат.
Изборите се во втор план, повторува ВМРО ДПМНЕ.
Деновиве, ниту СДСМ не зборува за избори. Лидерот Заев во видео обраќање повикува сите да ги почитуваат заштитните мерки, да носат маски и да држат дистанца.
Минатата недела, Заев инсистираше избори да има на 5 јули, доколку на 13-ти јуни заврши вонредната состојба.
Почетокот на оваа недела отвара можност тој термин да се помести – не само заради усогласување со ВМРО ДПМНЕ, туку заради можноста од пролонгирање на вонредната состојба за 10 до 15 дена и стабилизирање на здравствената состојба.
Соња Николовска