Вонредна состојба во администрацијата за исполнување на реформите

На четири месеци пред објавување на извештајот на Европската комисија од кој ќе зависи одлуката на Советот на ЕУ во јуни дали земјава ќе добие датум за преговори, владата реши да ја мобилизира државната администрација во давање на конкретни резултати на реформски план. Ова го соопшти вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, кој рече дека од министер до последен службеник во администрацијата треба да бидат во функција на таа цел.

  • Сметам дека сега е моментот за целосно за целосно и максимално мобилизирање на сите можни ресурси, тоа што јас го нарекувам прогласување на вонредна состојба во администрацијата“, рече Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.

Рокот за испорачување конкретни резултати е три месеци, поточно до март кога би почнал да се пишува Извештајот, освен ако Македонија не добие дополнителен месец поради европските избори и одложување на Извештајот од Комисијата за крајот од мај или почетокот од јуни. Но таква варијанта не и оди во прилог на земјава поради краткиот рок што во тој случај би го имале земјите-членки на ЕУ да го разгледаат Извештајот пред да донесат одлука кон крајот на јуни за преговори со Македонија.

Османи информираше дека се уште не се знае дали ќе има одложување на Извештајот и рече дека месеците до март се неповторлива шанса и клучни за Македонија.

Објавувајќи ја вонредната состојба во администрацијата тој и даде и алиби за, како што рече, малиот застој во одредени реформи кон крајот на декември.

  • Голем дел од политичката енергија во државата, вклучувајќи ја и државната администрација, го консумираше големиот политичкит процес, а тоа се уставните измени и договорот од Преспа“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.

Главниот технички преговарач на Македонија со ЕУ, Бојан Маричиќ, пак рече дека 2019 треба да биде година на евроинтеграциите и оти мобилизацијата на јавната администрација е неопходно за тоа. Тој информираше дека досега е отворен набљудувачки скрининг за пет преговарачки поглавја.

  • Продолжуваме од денеска натаму со другите поглавја. Оваа недела одиме со економска и монетарна унија и со пазарот на капитал. Во наредните шест месеци ќе треба да поминеме технички и подготвителни состаноци за 21 поглавје “, изјави Бојан Маричиќ, главен технички преговарач на Македонија со ЕУ.

Иако администрацијата допрва ќе се мобилизира, во владата се задоволни од текот на реформите. Сепак, на денешниот Работен комитет за европски интеграции Османи констатирал дека во наредните месеци потребни се конкретни резултати во реформите во правосудство, безбедносни служби, јавна администрација и борбата против корупцијата.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ