
Вонредна состојба по барање на Владата
„Ова е вонредна ситуација. Затоа е потребна вонредна состојба сега и веднаш“. Со вакво објаснување, Владата побара за прв пат во историјата на државата да се примени оваа уставна категорија.
Со тоа, Владата добива можност брзо и ефикасно да реагира за решавање на здравствените и на економските предизвици.
Мерките што ќе ги носи Владата не се утврдени однапред туку ќе се носат во зависност од развојот на ситуацијата, најави Спасовски.
Уверува дека има доволно резерви со храна и побара секој граѓанин да понесе одговорност за своето однесување.
Владата апелира да не се патува без неодложна потреба. На седница е донесен заклучок секој што сака да оди во странство да потпише документ дека нема да бара да се врати во рок од три месеци.
Сите прописи што ќе бидат донесени при вонредна состојба ќе имаат третман на закони, согласно уставните начела.
Барањето за прогласување вонредна состојба Владата го достави до Собранието, но спикерот Талат Џафери го препрати до претседателот Стево Пендаровски. Џафери смета дека пратениците, иако редовно земаат плата, не може да се состанат на седница ако веќе донеле одлука за самораспуштање.
Џафери очекува Владата, која ги презема и надлежностите на Собранието, да донесе одлука за пролонгирање на изборите, што тој ги распиша за 12-ти април. Евентуалните пропусти на Владата како и пречекорувања на надлежностите ќе бидат разгледани од новиот собраниски состав, кој ќе си ја поврати контролната функција, изјави Џафери.
Соња Николовска