
Волонтери на Црвен крст ќе ги опслужуваат скопјани
Како што беа објавени заострените мерки на властите, скопјани се наредија пред банките. Деновиве побрзаа да купат и намирници во маркет. Викендот целосно ќе биде под полициски час, но надлежните смируваат дека тоа нема да влијае на нормалниот живот во сечиј дом. Оние коишто нема да стигнат да купат што им е потребно ќе можат онлајн. Град Скопје и општините на седница на кризен штаб се фокусирале главно како ќе се функционира во Скопје викендов.
Што е со оние коишто не се справуваат лесно со новите технологии и спаѓаат во група на граѓаните кои имаат потреба од асистенција – лицата коишто се во самоизолација, хронично болните, повозрасните. Тие можат да се јават во Црвениот крст, а волонтерите ќе им набават што им треба и ќе им донесат до дома.
Од Црвениот крст се во редовна координација со општините, каде што се јавуваат оние кои имаат потреба од помош. Само во Општина Центар повеќе од 200 пензионери сами се јавиле за да побараат хумана асистенција.
Мобилните тимови на Црвениот крст ќе работат секој работен ден, од 08:30 до 12:30 часот. Во нив членуваат околу 70 волонтери. Дел од нив се со посебни дозволи, за ако има потреба да се движат и додека трае полицискиот час преку недела или и во викенд.
Петар Догов