Војската од денеска помага за одржување на редот во Прилеп

Војската од денес се вклучува за одржување ред во Прилеп. Заедно со полицијата ќе се погрижат граѓаните доследно  да ги почитуваат  мерките и препораките на надлежните.

Поради драматично ширење на заразата со КОВИД 19 во овој град, градоначалникот Илија Јованоски, побара  од Централниот кризен штаб да се вклучи и Армијата  која денес веќе е присутна  на повеќе пунктови низ градот.

-Денеска зборувавме дека ангажманот ќе биде флексибилен. Во првите неколку часа војската  ќе биде присутна пред дуќани и банки. Како минува денот војниците можеби ќе се преселат во парковите или местата за рекреација каде има одредено прекршување на мерките. Не сакаме од Скопје  да се носат одлуки. Имаме доверба во нашите старешини, војници и локалните власт и убедени сме дека ќе носат мерки кои ќе го зачуваат нашето здрвје, рече министерката за одбрана Радмила Шеќеринска

Градоначалникот Илија Јованоски, вели дека ваквите мерки се преземаат поради недисциплинираноста на граѓаните и рапидниот пораст на заразани. Денес во Прилеп има три нови случаи и еден починат, со што вкупниот број на КОВИД позитивни се искачи на 75 и две починати лица.

-Да се превоспитаме затоа што ништо не доаѓа однадвор. Се е однатре и ако успееме да ги спроведиме и почитуваме мерките ќе има помалку заразени, помлаку болни. Тоа е и мојот апел за овие Велигденски празници, да ги почитуваме максимално мерките, рече градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

Шефот на Централниот кризен штаб и вицепемиер Бујар Османи, денеска  соопшти дека Армијата освен во Прилеп и Куманово, ќе биде на располагање на сите општински штабови каде ќе има потреба.

Емилија Мисирлиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ