Воено-политичките аналитичари бараат да се почека со ратификацијата

Воено-политичките аналитичари не ја поддржуваат идејата за предвремена ратификација на Протоколот за НАТО во Собранието. Не се сомневаат дека Шпанија ќе го ратификува протоколот и сметаат дека треба да се почека првин тие да го сторат тоа.

Но, владата вчера го утврди текстот на предлог-законот, кој ќе биде веднаш испратен во Собранието, со очекување и таму да биде усвоен во најбрз можен рок. Се предвидува да стапи во сила со денот на објавувањето во “Службен весник„, по што ќе биде депониран во Вашингтон, откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за пристапување на нашата земја во полноправно членство во Алијансата. Текстот на Предлог-законот за ратификација на Северно-Атлантскиот договор е потпишан во Вашингтон на 4 април 1949 година.

Од Собранието засега нема реакција за тоа, кога ратификацијата ќе се најде на дневен ред пред пратениците. Претседателот Талат Џафери досега изјавуваше дека ратификација со одложено дејство не е можна и дека треба да се почека тоа да го стори следниот парламентарен состав.

Шпанија е единствената од 29-те членки на НАТО што сѐ уште го нема ратификувано договорот, поради вонредните парламентарни избори во ноември. Претходно имаше избори во април, но по неуспехот да се формира влада, по само седум месеци се одржаа нови избори. Преговорите за формирање на влада се во тек.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ