
Водостопанство тоне во долгови, работниците чекаат плата, спас се чека од ребалансот
Формирано од Владата пред четири години за да ги спои во едно и да ги реши проблемите на проблематичните и зглавени регионални единици, акционерското друштво „Водостопанство“ тоне во долгови и ненаплатени побарувања. Вработените, чија просечна нето плата е 21 илјади денари, уште не можат да ја земат ни онаа за мај. Велат, ова не е прв пат во летните месеци, свесни се за проблемите на претпријатието.
Во разговор со членовите на претседателството и главниопт извршен директор ни беше ветено дека за 10 дена ќе ја земеме мајската плата, а ако се обезбедат средства, и двете плати. Има мало незадоволство кај вработените, се договориме ако до 15 јули не ја добиеме платата за мај, како претседателство ќе заседаваме и ќе заземеме став како натаму, вели Коста Малзарков, претседател на Синдикат на АД Водостопанство.
Во изминатите десет години ниту една власт не се погрижи да му помогне на акционерското друштво, го остави буквално во жив песок, вели директорот Илми Селами. Бројните водостопанства низ градовите, кои дел заради реални проблеми, но дел и поради недомаќинско работење, натрупале огромни долгови, само се обединиле во едно, кое добило само 100 илјади евра оснивачки капитал. Вкупните долгови на новото Водостопанство еден и пол милиони евра, од кои најголем дел кон ЕВН за струја, но повисока е сумата на побарувањата што не можат да се наплатат – 3 и пол милиони евра од три јавни комунални претпријатија, и уште 700 илјади од земјоделци и фирми што користат индустриска вода, а потоа не ја плаќаат. Според стари правила, во летниот период друштвото дава вода, но ја наплаќа дури после сезоната, па пари за плати сега никако да се соберат, тоа не добива пари од државниот буџет. Водостопанство сега спас гледа во Владата, побарале таа со ребалансот да им одобри пари за да можат барем нормално да работат, таа ветила дека ќе им помогне да излезат од стегите.
Разговаравме со премиерот, тој рече дека е од земјоделско семејство и знае што е водостопаснство, дека треба да ни помогнат да излеземе од стегите. Покажано е разбирање, дека со ребалансот што сега се прави, ќе се обезбедат и да тргнеме напред, вели Илми Селами, директор на АД Водостопанство.
Пред неколку месеци актуелна беше набавката преку оперативен лизинг на 14 автомобили за регионалните центри, тоа значи дека возилата се користат и за нив месечно се плаќаат по околу 300 илјади денари, а после пет години треба да и се вратат на компанијата од каде се земени. Селами вели, тоа беше единствен начин да дојдеме до неопходните автомобили без пари, бидејќи пари немаме.
Не дека не ни требале, притисокот од подружниците беше огромен, возилата се основни средства за работа, вели Селами.
Тој се надева дека веќе следната година Водостопанство ќе излезе од кризата, а за тоа се неопходни уште 150 нови вработувања кои ги бара претпријатието.
Нина Нинеска Фиданоска