Водата во Скопје нема да поскапи, Шилегов ќе плаќа казни

Водата во Скопје нема да поскапи. Градоначалникот Петре Шилегов, денеска повтори дека нема да го почитува тарифникот на Регулаторната комисија за енергетика, според кој скопјани треба да добиваат повисоки сметки за вода.

Казните за неспроведување на одлуките на регулаторите се движат од 6.000 евра па нагоре. Шилегов, кој денеска даваше отчет за сто дена на функцијата, тврди дека нема потреба водата да поскапува, за со насобраната сума да се одржуваат пречистителните станици. Потребните пари, вели, може да се обезбедат и од досегашниот потенцијал на Водовод и канализација.

Шилегов не одговори дали и тој ќе ја тужи Комисијата до Управниот суд, по примерот на локалните власти на Велес и Куманово. За новиот тарифник деновиве се побунија  и од Владата од каде побараа да се преиспита одлуката за предложените цени за Јавното претпријатие Студенчица.

Во меѓувреме, Регулаторната комисија која е независно тело излезе со став дека и  понатаму ќе постапува по закон и дека, за тие кои во утврдениот рок, а тоа е крајот на април, нема да ја прифатат предложената тарифа за водни услуги, ќе се пристапи кон изготвување на регулаторна тарифа, која ќе биде конечна и претпријатијата се должни да ја применуваат. Трошоците за дополнителни анализи и пресметки за регулаторната тарифа ќе треба да си ги покријат самите претпријатија, а цените се утврдени со закон и се движат од 1.000 до 5.000 евра.

Според предлогот на регулаторите, водата во Скопје треба да поскапи за 1,32 денари во споредба со сегашната цена. Корегираната цена би била 30,71 денар за метар кубен вода.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ