Снимките од Собрание беа уништени и фрлени во Вардар, тврди обвинетиот Нинџа

-На 27-ми април добив повик да дојдам во штабот директно од Мијалков. Не знаев дали станува збор за Мериот или за партијата, но потоа ми беше дообјаснето дека треба да дојдам во ВМРО-ДПМНЕ. Таму имаше парамилитарен штаб, командно-оперативен штаб. Внатре во просторија беа Владимир Атанасовски (тогашен директор на УБК), Митко Чавков (тогашен директор на БЈБ), Билјана Бришкоска (тогашна заменик-министер за правда), Миле Јанакиески, Спиро Ристески, Кирил Тодоровски.- изјави денеска обвинетиот Александар Василевски-Нинџа.

Инаку, Василевски рече дека Владимир Атанасовски бил и член на патриотското здружение „Тодор Александров“, па така комуницирале со него.

Според Василевски, планот бил првин пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да предизвикаат инцидент, но откако не се случило тоа, е преминато на вториот план, отворање на вратите. Тоа го дознал од телфонскиот разговор кој во тој момент Бришкоска го водела со претседавачот на Собранието Трајко Вељановски.

Миле Јанакиески според сведочењето на Нинџа контактирал со Богдан Илиевски (обвинет и еден од организаторите на протестите За заедничка Македонија).

Чавков пак комуницирал со Митко Пешов (обвинет и тогашен командант на Одделот за специјални и посебни единици на МВР) и со Ивица Вучевски (тогашен началник на СВР Скопје), рече Василевски- Нинџа кој тврди дека Чавков постојано му повторувал на Пешов да се примени „пасивна употреба на сила“.

Василевски Нинџа тврди дека двата хард дискови со снимките од безбедносните камери во Собранието биле одземени од двајца припадници на УБК (Оливер Радулов и Сашо Марковски), кои сега се обвинети за крвавиот четврток. Едниот од обвинетите, Марковски ги уништил хард дисковите на преса, потоа ги сечел со ножици на парчиња, а на крај остатоците ги фрлил во реката Вардар.

Но, Марковски, според Нинџа, со службена белешка, како покритие дошол во Собранието за да го следи српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ, а вистинската цел била да ги одземе и униште хард дисковите од камерите во Собранието.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ