Во црква на Велигден, политичарите се фатија за џебот и фрлија денари на иконите, граѓаните посакуваат здравје и радост

Велигден во Соборниот храм ги донесе и граѓаните но и политичарите.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјаноска Давкова со китка здравец во рака дојде во Соборниот храм во друштво на опозицискиот лидер. Христијан Мицкоски се поврати на влезот и фрли книжна банкнота на иконата.

Машко-женска комбинација ја претставуваше и владата, вицепремиерката Шекеринска и министерот за финансии Тевдовски. Тие парите на црквата ги дадоа на излегување, најдолго банкнотата ја оставаше чуварот на државната каса.

Сите си добија благослов од поповите кои ги испрскаа со осветена вода. И сите посакаа мир, сплотување, единство добробит за граѓаните и за државата.

-Ако по два милениеуми се собираме овде сите како верници сигурно е тоа најголемиот ден. Јас верувам дека е тоа ден на животот, верувам дека тоа е ден на радоста, погледнете ги лицата на луѓето, ќе се уверите во тоа, изјави Гордана Силјаноска Давкова, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

-Со желби за здравје и среќа во семејството, но и со желба за многу повеќе спокој, мир, разбирање и напредок во државата. Велигден е празник кој што не потсетува дека има нешто што е посилно дури и од смртта. Дека добрата мисла, доброто дело може долгорочно да има позитивни последици, честиташе министерката Радмила Шекеринска.

-Ја користам оваа прилика на сите правосолавни христијани, кои што денеска го празнуваат Христовото Воскресение – Велигден, да им го честитам празникот, да им посакам, многу здравје, среќа, љубов, берикет за нив, нивните семејства, да се радуваат да празнуваат да бидат задоволни од тоа што го прават и на крај да си ја сакаат татковината Република Македонија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Воскресението Христово ја симболизира победата на животот над смртта и ја дава силата за надежта за излез од сите тешки ситуации со коишто се соочуваме сите ние граѓаните. Верувам дека овој празник ќе ни донесе мир на сите, благосостојба на сите, меѓусебно почитување и секако ја користам приликата да им го честитам на сите христијански верници Христовото воскресение, како најголем празник којшто го славиме Христијаните, рече премиерот Зоран Заев.

Премиерот беше на ноќната литургија во родната Струмица од каде ја упати велигденската порака. Преку службените фотографии призна дека во кршењето на јајца изгубил од сопругата Зорица. Мицкоски синоќа беше во Ѓорче Петров, но не покажа слики од кршењето црвени јајца.

Двајцата кои се борат за нов 5-ти по ред претседател на државата овојпат со ново име исто така се пофалија со христијанскиот обичај. Пендаровски во родниот крај на своите претци во Галичник семејно ја упати велигденската честитка.

Силјаноска пак во Црниче го скрши првото црвено јајце. Еден од нив треба да го наследи Иванов, кој пак беше во Охрид и упати честитки.

-Посакувам во текот на целата година сите граѓани на Република Македонија да бидат сплотени, да бидат заедно и да ги пребродат сите предизвици со кои се соочуваат во животот. Посакувам се најубаво за сите, да сме сплотени, заедно да мислиме за се она што доаѓа и што го оставаме во наследство за нашите поколенија, рече Ѓорге Иванов, Претседател на Република Северна Македонија.

Граѓаните добија помалку внимание, но црквите каде се држеше литургија не останаа без верниците на најголемиот христијански празник.

Синоќа блесна и Плаошник во Охрид. Охрижани, но и туристи со кои е полн градот си посакаа радост, среќа, и најбитното здравје.

Најрадосниот празник Влегден, покрај црвеното јајце  го одбележува и поздравот кој синоќа на полноќ се слушна во сите православни храмови- Христос воскресе, навистина воскресе.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ