
Во Тимјаник се отвора мал групен дом за штитеници од домот во Демир Капија
Во неготинското село Тимјаник денеска ќе биде отворен мал групен дом во кој ќе бидат сместени неколку деца од Специјалниот завод во Демир Капија.
Со Проектот за деинституционализација на 216-те штитеници од Специјалниот дом во Демир Капија, поддржан од УНИЦЕФ, УНДП и Европската Унија, се предвидува во рок од две-три години, нивно преместување во мали домови во општини ширум Македонија, за нивна полесна ресоцијализација и вклученост во општеството.
Жителите на Тимјаник не сакаа да се отвори овој дом за децата со посебни потреби, и поради тоа минатиот месец излегоа на протести. Отпрво тврдеа дека приоритет во селото е нова градинка, наместо групни домови. Рекоа дека немаат ништо против децата со попреченост, но сепак одбиваа тие да се дел од нивната средина. Прашуваа кој ја донел одлуката и се закануваа со инциденти.
По силните реакции во јавноста за причината за протестот на жителите од Тимјаник, министерката Царовска се сретна со нив и ги ислуша им објасни дека станува збор за дом каде ќе се сместат неколку деца кои на ниеден начин не претставуваат закана за локалните жители, ниту пак ќе влијаат на секојдневито на граѓаните. Еден од жителите, на средбата со Царовска, ја понудил и својата нива надвор од селото за таму да се гради центарот, но таа одговори одговори дека домот мора да се изгради во населено место, во близина на роднините на децата со попреченост.
-Она што го нудите е нива надвор од селото, на маргините, идејата на оваа програма, е да биде блиску до сите нас, рече таа.
На ова, жителите побараа премиерот Зоран Заев да дојде лично тука да разговараат со него. Царовска беше пречекана со свирежи, со обраќања на висок тон и со закани. Протестот беше под силно полициско обезбедување. Министерката објасни дека децата се префрлаат од Заводот во Демир Капија бидејќи условите таму се многу лоши и им посочи дека ова ќе биде дом каде ќе се ресоцијализираат, ќе одат во црква и им вети дека ќе добијат градинка за нивните деца во соработка со МОН.