
Во Свети Николе се води пензионерска битка за власт
Во Свети Николе се води битка за пензионерска власт. Откако е избрано ново раководство на Здружението на пензионери, група на пензионери бара да се повторат изборите. Според нив наместен бил изборот на делегатите во трите ограноци, а целата постапка била и нетранспарентна. Барале финансиски извештај за сработеното, но како што велат не го добиле. На 25 февруари доставиле и барање за повторно одржување на пензионерски избори во Свети Николе.
Претседателот на светиниколските пензионери, Никола Атанасов ги отфрла сите обвинувања од оваа група на пензионери, кои се незадоволни. Тврди дека нема никаква злопуотреба, а изборот е направен според статутот. За листите на трите органоци гласале над 90 отсто од членовите. Атанасов забележува дека работел чесно и не се плаши од контрола од финансиска полиција или управата за јавни приходи.
Во Свети Николе има 3.100 пензионери, а пред десетина години при изборот на ново раководство некои и физички се пресметувале. Вакви битки за преземање на претседателската функција имаше и во други градови во источниот регион.
Викторија Јованова