
Во штипскиот регион се поставуваат гнезда за царскиот орел
Почна поставувањето на 10 платформи за гнездење на царскиот орел, во близина на штипските села Судиќ и Трогерци. Портпаролот на МЕПСО, Никола Стојанов вели дека гнездата се поставуваат на трасата на 400 киловолнтиот далековод, кој го поврзува македонскиот со српскиот електропреносен систем
-Оваа акција е дел од проектите, кои се спроведуваат од 2012 година па досега. Во пет наврати се поставени 50 платформи за гнездење на царскиот орел, вели Стојанов.
Емануел Лисичанец од еколошкото друштво „Аквила“-Кавдарци вели дека царскиот орел е степска птица, а оваа птица која е заштитена се наоѓа на црвената листа на Европа во видовите на изумирање. Во Македонија има околу 30 активни гнездечки двојки и може да се рече дека сме лидер на Балканот во царските орли, по големина на територијата, каде што се наоѓаат. Лисичанец истакна дека поставувањето на гнездата во овчеполскиот регион има ефект, бидејќи веќе се заземени шест гнезда, а тоа значи 10 % од поставените платформи. Платформите за царскиот орел се поставуваат од страна на електромонтерите на МЕПСО, а во соработка со еколошкото друштво „Аквила“.