
Во рочишта за неколку предмети на СЈО
Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тортура“, „Тарифа“, „Тревник“ и „Насилство во општина Центар“.
Во „Тортура“ обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петтмина припадници на единицата.
Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.
На обвинителна клупа денеска треба да седнат и поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште две други лица, кои се обвинети во случајот „Тарифа“. Тие се обвинети за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на ЕЛЕМ вреден околу четири милиони евра.
Ново рочиште денеска ќе се одржи и за случајот „Тревник“, во кој се обвинети Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково.
Во Основен суд скопје 1 денеска треба да продолжи судењето и за случајот „Насилство во општина Центар“. Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.
На претходните рочишта за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни. За седмообвинетиот Димче Крстев, пак, се води одвоена постапка.