
Во ПЗУ на Митаноски на црно се оперирале луѓе – во случајот со Булент Ибрахим ќе се вклучи и Обвинителство
Санитарните инспектори чекаа три дена и ги дочекаа документите кои побараа да ги добијат од лекарите газди на двете приватни ординации – „Јанита“ и „Др. Крсто Митаноски“. Пронајдоа пропусти. Недостасуваа некои од неопходните документи кои ги побараа. Лекарите работеле на црно потврдија од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
„Ние иницираме односно предлагаме до министерот одземање на дозволата за работа за двете приватни здравствени установи“ кажа Ирина Бухова, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Од ДСЗИ сега продолжуваат со работа за да го довршат случајот кој го започнаа по смртта на Булент Ибрахим. Лекарот Николовски од ПЗУ „Јанита“ го оперираше Ибрахим во изнајмената сала во ординацијата на доктор Митаноски. Три дена по операцијата, пациентот почина.
„Дополнително за целиот случај ќе побараат и кривична одговорност. Ќе се обратат до Обвинителството.“
Во Инспекторатот денес темелно ги прегледуваа документите. Видоа кога лекарите се стекнале со лиценци за работа на своите ординации. ПЗУ „Јанита“ покажале потпишан договор да ја изнајмуваат операционата сала во ординцијата на Митаноски, а докторот Ѕвонко Николовски ангажирал и анестезиолог. Тој документ не го покажал доктор Крсто Митаноски. Тој не ни пријавил во Министерството за здравство дека заминал во пензија. Со тоа ги скршил правилата во здравствениот систем.
„Немаме документ дека е пријавено во Министерство за здравство пензионирањето на носителот на дејност. Немаме документ дека е побарано ставање на ординацијата во мирување или побарано истата да се затвори. Немаме документ од нивна страна за соработка со ПЗУ „Јанита“. Тоа е се што добивме од Митаноски. Целокупното досие ќе го предадеме до Основното јавно обвинителство“ кажа Ирина Бухова, директор на ДСЗИ.
Податоците кои ги прибрале инспекторите попладнево ќе ги дознае и министерот Филипче. На ниво на Министерство, стручна комисија допрва ќе одлучува како ќе постапат по целиот случај. Булент Ибрахим беше опериран од хемороиди во понеделникот на 18 февруари. Три дена примаше инфузија заради болки, а во четвртокот почина во ГОБ „Осми септември“. На неговото тело не беше направена обдукција.
Петар Догов