
Државата да спречи дискриминација на луѓето со оштетен вид, бара Сојузот на слепи
Оваа крстосница во центарот на Скопје е една од ретките во градот која има звучна сигнализација за помош на слепи лица. На останатите или ја нема воопшто или е нефункционална. Тактилните патеки кои го олеснуваат движењето на слепите лица ги има само во делови од централното градско подрачје. Ова се дел од проблемите со кои се соочуваат слепите лица и лицата со оштетен вид во државата. Тоше Илиев од Кочани е дипломиран правник. Во отсуство на адаптирана литература за неговиот хендикеп, тој бил приморан да ги полага испитите со аудио снимање на предавањата од каде после тоа учел. Тој вели дека во Кочани нема звучни семафори и специјални патеки и неговото движење секојдневно е многу отежнато.
Од сојузот на слепи на Македонија бараат државата и општеството да се залагаат за укинување на сите видови на дискриминација на лицата со штетен вид, приспособеност на јавниот превоз, слобода на изразување преку достапноста на јавните информации и комуникации за нивниот хендикеп, како и неопходноста од отворање на рехабилитационен центар и дом за слепи лица.
Овие барања тие ги упатуваат до институциите во пресрет на 15 октомври- Меѓународниот ден на белиот стап, симболот на слепиот човек, признаен од Обединетите Нации.
Јордан Дуков