Во пожар изгоре регионалната телевизија „ВИС“ од Струмица

Синоќа околу 2 часот по полноќ во пожар изгореа просториите на Регионалната телевизија „ВИС“ во Струмица, а зафатени се и простории на еден текстилен погон и Социјалниот повеќенаменски центар на општина Струмица. Во пожарот полесно се повредени и тројца пожарникари, кои учествувале во гаснењето на пожарот. Двајца од повредените пожарникари се на лекување во струмичката болница, а еден се здобил со полесна повреда на ногата.

Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев во гаснењето учествувале скоро сите пожарникари со сета расположива техника и по повеќе од 6 часови пожарот е ставен под контрола.

„Запрено е ширењето и сега наши екипи го контролираат местото на пожарот“, информираше Гудев.

На официјалната страница на ТВ „ВИС“ информираат дека телевизијата нема да ги остави гледачите без содржини и дека екипите ќе работат и понатаму на терен. Ќе ги информираат граѓаните за се што се случпува во регионот преку официјалната веб страница, фејсбук страницата, а вестите ќе се емитуваат на официјалниот „јутјуб“ канал.

„Објектот и опремата се пеплосани внатре, но ВИС се луѓето кои работат во медиумот, а нивниот дух не е скршен. Ќе најдеме начин да продолжиме да информираме и да работиме. Светот се бори со пандемија, за човечки животи, ова е шок, но е сепак материјално“, напиша на својот фејсбук профил Сузана Мицева, уредник во телевизија ВИС и дописник на Телма телевизија од Струмица.

Мицева во постот од име на сопствениците и вработените во ВИС им се заблагодари на пожарникарите кои девет часа се борат со голи раце со огнената стихија.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ