Во понеделник средба кај Иванов за гувернерското столче

Во понеделник на нова средба кај претседателот Иванов ќе се бара решение за гувернерското место. Тогаш според Премиерот Заев ќе се усогласуваат ставовите околу предлогот на Иванов, Богов да остане прв човек на Централната Банка. Ваквата средба е нужна рече тој откако на координацијата со парламентарната група, не бил прифатен предлогот за реизбор на Димитар Богов.

Зоран Заев премиер на Република Македонија – веруваме во кохабитација и дијалог и ќе најдеме решение.Право на претседателот е да предлага, но парламентот избира. Мора оваа институција да остане професионална, да зборуваме за експертско а не партиско решение, кое ќе ја чува стабилна монетарната политика за да можеме да ги креираме економските политики

Единствен став на пратеничката група предводена од СДСМ според Горан Милевски од ЛДП ќе се донесе на координацијата закажана за во среда.Предлогот на претседателот Иванов не сме го добиле, но се надеваме рече тој за Телма дека до тогаш ќе добиеме образложение зошто Богов заслужува втор мандат. Експертите немаат многу очекувања од новата средба со Иванов, што ја бара Заев. Иако е штетно НБРМ да остане без гувернер невозможно е вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, тој да биде избран од сите. Македонија нема многу потенцијални гувернери, но Фатмир Бесими вели тој, го заслужува тоа.

Џевдет Хајредини, поранешен Министер за финансии – да очекуваме Иванов да се определи за кандидат што тоа го заслужува, но е Албанец – е илузија. Тврдам дека Иванов нема да отстапи оти има други обврски кон други сили. За независноста на гувернерот не треба само морал и стручност туку и режим и Влада кои ја ценат и ја бараат таа независност од НБРМ.

Предлогот на Иванов до собранието е испратен на 27 април и доколку за него не гласаат 61 пратеник, гувернер не може да се избере. За да се избегнат вакви и слични ситуации постојат размислувања или законот да се измени за да има можност да има вршител на должноста гувернер, што сега не е возможно, или гувернер да може да предлагаат и други институции, а не само претседателот на државата.

Виолета Зајкова Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ