
Во Ораовец се гласа во куќата на Анѓел Атанасов
Ова е таблата која ќе ве пречека за добредојде во селото под Клепа, селото на гемиџијата Милан Арсов и илинденецот Јован Наумов Алабакот. Неделниот ден за малкумината жители поминува како и да не е изборен.
Училиште имало но се урнало, полициската станица е затворена па куќата на Анѓел Атанасов е местото каде секоја година гласаат регистрираните гласачи. И Телма влезе во избирачкото место 22 07.
Но за да се стигне до него е тешко, мора да се поминат овие скали за да се стигне на вториот кат. А таму не пречекаа домаќините.
Домакинката со кафе, а домаќинот со муабет. За нив е чест што секоја година куќата им е отворена и за луѓето од избирачкиот одбор и за гласачите.
А во ходникот е параванот, зад него додека ние бевме таму не застана никој од гласачите.
Жителите овде и немаат големи очекувања од идниот претседател.
Се надеваат на подобра иднина не толку за нив колку за нивните деца.
Ораовец го напуштивме исто како што го начекавме.
Мирно, чисто и со срдечен поздрав од луѓето кои ретко имаат можност да ги кажат своите очекувања од властите.
Билјана Николовска