
Во изборот на Чулев и прилепската полиција и Центарот за информатика на МВР
Полицијата во Прилеп, полициските специјалци тигри, но и центарот за информатика, телекомуникации и информациска безбедност ќе бида оддлеите во во МВР кои ќе добијат нови раководители и началници по предлог на техничкиот министер Наќе Чулев. Со овие три позиции се заокружува бројката од 15 дозволени со закон промени на раководни позиции во МВР со избор на техничкиот министер.
Како што веќе објави и Телма вчера, нови началници ќе добијат сите 8 сектори за внатрешни работи, новата единица за интервентна полиција, внатрешната контрола, секторот за организиран криминал и одделот за специјални операции. За дел од позициите се уште не се соопштени имиња за кои Чулев размислува да ги постави, додека за дел од местата веќе се избрани луѓе, кои доаѓаат од структурите на МВР.
Нема звучни односно во јавноста познати имиња, иако неколкумина биле блиски соработници или во обезбедување на поранешните министри Митко Чавков и Гордана Јанкуловска. Министерот Чулев не сакаше да прецизира конкретно кои имиња ќе ги предложи и назначи за позициите кои ги избрал, бидејќи прво ќе се чека промената на систематизацијата во владата за да претходните началници добијат дополнителни заменички позиции во истите единици во МВР.
Одделението за внатрешна контрола во Прилеп е нова единица во составот на СВР Битола, и е дел од измените во работењето на МВР реализирани во последните денови од мандатот на Оливер Спасовски во МВР. За првпат промена ќе се случи и во центарот за информатика и информациска безбедност. Овој центар се грижи за одржувањето на ситемот за комуникации Тетра кој компјутерски ги снима сите разговори на службените радио комуникации во МВР. Покрај тоа под центарот се и сите бази на податоци за граѓаните преку кои се вади извод за промени во избирачкиот список.
Министерот Чулев во телефонски разговор за Телма вчера ни соопшти дека изборот на нови началници ќе се врши во оние единици кои имаат допирна точка со одржувањето на изборите. Од друга страна внатрешната контрола е избрана за да ги провери сите наводи за прераспорувањата направени од Спасовски во декември, додека во организиран криминал новиот министер очекува зголемен број на информации за евентуални кривични дела кои досега не биле доставени од пријавувачите поради како што оцени Чулев „страв и недоверба во институциите кои го гонат криминалот“.
Миомир Серафиновиќ