
Во интервју за српска “Политика” руските пранкери велат дека нема никогаш да го заборават Заев
Руските новинари Владимир Кузњецов – Вован и Алексеј Стољаров – Лексус предизвикаа големо внимание кај светската јавност, а особено на Балканот, по објавените телефонски разговори со државници во кои тие се претставувале како претседатели на држави, премиери… Тие му се јавувале и на премиерот Зоран Заев на кого му се претставувале како експретседателот на Украина, Петро Порошенко, и како генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Во интервју за српскиот весник „Политика“, Вован и Лексус велат дека не очекувале дека „пранкот“ со Заев ќе биде толкава сензација во Северна Македонија. Велат дека освен македонскиот премиер, досега не успеале да лажат некој друг функционер цела година.
На прашањето какви впечатоци добиле по разговорите со Макрон, Ердоган, Јункер, Хуан Гваидо, Ѓукановиќ, Заев, Харадинај, Борис Џонсон, Федерика Могерини и вработените во американската администрација и конгресмените, тие велат:
„Макрон е прилично блага, фина личност. Гваидо во разговорот не остави впечаток на независен политичар. Борис Џонсон, и покрај комичноста во јавноста и ексцентричноста, всушност е многу интелигентен и ладнокрвен политичар. Харадинај се обидува да остави впечаток на љубезен дипломат, но слабо успева во тоа. Но премиерот Заев е навистина неверојатна личност. Ниту еден политичар пред него не успеавме да лажеме на таков начин речиси една година, и покрај фактот дека имал состаноци со претставници на вистинските украински власти. Но најважен заклучок е дека сите политичари се луѓе, како и ние. И имаат слабости и проблеми како и ние“.
Вован и Лексус негираат дека се руски шпиони.
„Гласините за разузнавачки служби воглавно ги шират западните либерални медиуми, поддржувајќи го трендот ‘раката на Кремљ се меша во сите работи во светот’. Но, во текот на годините никој не наведе ниту еден доказ дека сме поврзани со властите или специјалните служби. Ако бевме поврзани со нив, немаше да ги објавуваме своите шеги, туку би работеле тајно, затоа што така е многу полесно да се влијае на ситуацијата во другите земји, велат руските новинари.