
Во Гостивар се собираат донации за настраданите во земјотресот во Албанија
Општина Гостивар во знак на солидарност со жителите на областите кои беа погодени од земјотресот во соседна Албанија, организира хуманитарна акција за помош и ги повикува граѓаните да се приклучат во прибирањето материјална помош.
Во повикот на локалната самоуправа се наведува дека граѓаните може да донираат медицински препарати, прехранбени производи како конзервирана храна, брашно, шеќер, сол, масло, ориз, средства за хигиена, ќебиња, душеци, перници и шатори за привремено сместување.
Донациите ќе се прибираат во објектот на Територијалната противпожарна единица во Гостивар во текот на денешниот ден и утре (27 ноември и 28 ноември) до 12 часот.
Изразуваме надеж дека оваа акција ќе биде успешна и ќе ја ублажи болката на погодените семејства. Тим од пожарникари веќе е испратен да се приклучи во пружањето помош во околината на Драч, а општината донираше 300 ќебиња,
рече Ваљбон Лимани шеф на кабинетот на градоначалникот.
Во знак на сочувство со трагедијата која настана по непогодата, знамињата во Гостивар се спуштени на половина копје, а локалната власт ги откажа настаните по повод Денот на албанското знаме.
Во текот на денот треба да се одржи и вонредна седница на советот на општината со една точка на дневен ред со која треба да се доделат финансиски средства за настраданите во земјотресот во износ од 620 илјади денари.