Во Ѓавато затаиле сите институции минатите 17 години

Во случајот со Ѓавато затаиле речиси сите надлежни институции изминатите 17 години, колку што функционира хидросистемот.

Низа недоследности и неисполнети законски обврски го следат работењето на системот од формирањето до денеска. Ѓавато нема дозвола за зафаќање на води иако уште во 2002 година било издадено решение од Управата за водостопанство.

Министерството за животна средина кое седум години незаконски управува со системот, не издало дозвола за зафаќање на водата од ѓаватското сливно подрачје.  Ова стои во извештајот на Државниот инспекторат за животна средина кој наведува дека хидросистемот мора да се предаде, но одлуката кој ќе управува со него треба да ја донесе Владата.

Инспекторатот вели дека тоа може да биде правно лице со регистрирана дејност за водоснабдување и наводнување, но не е наведено точно АД Водостопанство. Тоа значи дека со Ѓавато може да управува и некое од локалните комунални претпријатија на Богданци или Дојран.

Екипи на државниот инспекторат за животна средина и денеска се на увид во Ѓавато. Повторно ќе се посетува хидросистемот но и задругите корисници за да се види кој и колку бесплатно корсител вода изминатите седум години.

Инспекторатот наведува дека системот е доведен до нерентабилност бидејќи Министерството за животна средина не може да склучува договори за испорака на вода и наплата, поради што МЖС треба што побрзо да достави информација до Владата.

Инаку инспекторатот се’ уште не може да го заврши увидот, бидејќи целата документација за хидросистемот е кај министерството за земјоделство.

Речиси две недели од поднесеното писмено барање од инспекторатот за животна средина, Министерството за земјоделство ниту одговорило ниту доставило документи.

Сузана Мицева

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ