
Во декември почнува расправата за една изборна единица?!
11 декември е најверојатниот датум кога пратениците ќе ја почнат расправата за промена на изборниот модел. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека ќе ги стави на дневен ред предлог-законите на помалите партии за една изборна единица и отворени листи, иако лично го поддржува ставот на партијата ДУИ од која доаѓа, дека сега не е време за таква промена.
Покрај ДУИ, на предлозите се противат и ВМРО-ДПМНЕ, кои се за мнозински изборен модел. Премиерот веќе најави дека СДСМ ќе гласаат „за“ затоа што една изборна единица беше и нивно предизборно ветување.
Џафери очекува на трети јануари да се одржи седницата за избор на техничка влада, а на 12 април да има избори. Сепак, остава простор дека, ако до 31 декември нема сигнали кои ќе бидат функционерите на техничката влада, ќе биде јасно дека изборите нема да се одржат на договорениот датум. Според Пржинскиот договор, техничката влада треба да се избере 100 дена пред парламентарните избори.
Коментарот на Џафери доаѓа по информациите дека е можно одложување на изборите, доколку Шпанија во јануари не го ратификува протоколот за НАТО, од причина што таму се уште не е формирана нова влада. Во случај, пак, Шпанија да го ратификува протоколот по распуштањето на македонскиот парламент на 12 февруари, тој останува на ставот дека нема да ги свика пратениците повторно. Ратификацијата, вели, ќе треба да ја гласа новиот парламентарен состав.
Дециден е дека, со распуштањето, пратениците го враќаат мандатот назад кај граѓаните, дека Собранието може да се свика повторно само во вонредни околности,а ова според него, не е таков случај. Ова прашање ги подели и експертите, од кои дел сметаат дека, до избор на нов состав, Собранието е во постојано заседание и може да се свика по потреба.
Далиборка Демјанска Цветановска