
Во Белгија уапсен фудбалскиот агент Драган Сиљаноски, како дел од скандалот со наместените натпревари
Драган Сиљаноски поранешен македонски фудбалер и агент на хрватскиот тренер Иван Леко од белгискиот клуб Бриж, е уапсен за перење пари и корупција во скандалот со наместените фудбалски натпревари. Леко и самиот пред два дена, исто така, беше однесен на распит, но против него не беше издаден налог за апсење. Информацијата за апсењето на Сиљаноски утринава беше потврдена од белгиското федерално обвинителство, кои покрај претресите во половина од фудбалските клубови во првата лига, побарале претреси на уште 14 локации во Франција, Луксембург, Кипар, Црна Гора, Србија и Македонија.
„Овие куќни претреси главно беа изведени во канцелариите и живеалиштата на директорите родени во странство, кои можеби биле употребени во поставувањето на осомничената финансиска шема“, изјави портпаролката на федералното обвинителство Венке Роген.
Во оваа полициско-обвинителска операција, исто така, се уапсени и Моги Бајат и Дејан Вељковиќ. Вељковиќ по потекло е од Србија и според белгиските медиуми е поврзан со повеќе белгиски клубови од Првата „Жупилер“ лига, каде сместил голем број фудбалери и тренери.
Првиот дел од оваа огромна судска истрага за корупција во фудбалот е фокусирана токму на Вељковиќ, кој е осомничен за трансфери на играчи од кои задржувал значајни провизии за себе и за играчите кои ги застапувал. Фондовите транзитирале преку судски ентитети во Србија, Црна Гора и Кипар, објаснија обвинителите.
„Шемата дозволувала да се скријат провизиите трансферите на играчи, надоместоците за играчи и тренери и други плаќања за белгиските власти и други лица вмешани во трансакциите“, додаде Роген.
Овој скандал ја тресе белгиската јавност веќе втор ден. Во средата беше обелоденото дека широка европска истрага утврдила корупција, перење пари и обид за местење натпревари во 1А лигата во Белгија. Истрагата вклучува повеќе европски земји вклучително и Македонија.