
Внукот бара помош од институциите- бабата болна од канцер одбивала да биде хоспитализирана
Зградата во трговскиот центар Скопјанка во која вчера повеќе од 6 часа беа евакуирани станарите поради неподнослив мирис кој предизвикувал кашлање и печење на очите денеска мириса на средства за дезинфицирање. Епилогот на вчерашната евакуација е дека мирисот доаѓал од стан бр. 11 во кој живее 65 годишна жена со својата 44 годишна ќерка и двата внука и мирисот во зградата бил од амонијак од употребени пелени кои не биле фрлени подолго време. Телма заѕвони на вратата на овој стан, ни отвори младо момче кое потрресено од целата ситуација не сакаше да зборува пред камерата, но ни раскажа дека тие како семејство имаат подолго време проблем со неговата баба која е тешко болна и не сака ниту да оди на лекар, ниту да биде згрижена од институциите. Тој е свесен за условите во кои живеат, но вели дека е не моќен да направи нешто и бара помош од институциите. Во подрумските простории во зградата живее и бездомник. И покрај чистењето и дезинфицирањето сеуште таму има огромен број на шишиња за кои претпоставуваме дека се полни со урина.
Тим од центарот за социјална работа Скопје направил увид во станот во ТЦ „Скопјанка“ во Аеродром и констатирал дека таму живее сама 65-годишна жена, која е сопственик на станот и корисник на пензија. Семејството не било регистрирано како социјален случај.
„Констатирано е дека жената има ќерка која согласно со Законот за социјална заштита е должна да се грижи за неа и според нејзина изјава повремено ја посетувала мајката. Жената е корисник на пензија и има стан во нејзина сопственост. Согласно Законот за социјална заштита, Центарот за социјална работа нема надлежност да постапува бидејки ќерката има обврска да се грижи за мајката, за нејзината здравствена состојба и одржувањето на личната и хигиената во станот“, велат од Центарот за социјална работа Скопје.
Покрај сите надлежни органи кои излегле на местото на настанот, се појавија дури и припадници на Армијата кои ги повикал на помош градоначалникот Петре Шилегов. Тој вели дека се запазени сите процедури.
Синоќа околу 18.50 часот во МВР било пријавено дека во влезот брoj 1 на булевар „Кузман Јосифовски Питу“ се чувствува непријатна миризба и граѓаните се жалат на печење во очите и оти претпоставуваат дека најверојатно е фрлен солзавец.
Јордан Дуков