
ВМРО-ДПМНЕ: Заев и на Илинден ја лаже јавноста за штетниот договор со Грција
ВМРО-ДПМНЕ еден ден по празникот Илинден излезе со нови обвинувања на адреса на СДСМ и премиерот Заев за начинот на кој ја водат политиката по потпишувањето на договорот за името со Грција.
„Генерации Македонци не ги жалеа сопствените животи, борејќи се да ни го остават ова што го имаме денес, слободна и независна Република Македонија. Веројатно и за нив ќе било полесно да прифаќале капитулации и да тргувале со најсветите македонски национални интереси. Сигурно и тие можеле дебело да го наплатат откажувањето од името Република Македонија, а би собрале и пофалби доколку се откажеле од македонската историја, традиција и култура. Тие можеле, но не помислувале да го сторат тоа бидејќи Македонија им била пред се и над се во животот“ посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата смета дека премиерот Заев ја лаже јавноста за договорот со Грција кој го нарекуваат капитулантски.
„Зоран Заев нема образ. Само пред месец дена се колнеше во Илинденска Македонија. Само пред година дена се колнеше во своите деца и предци дека нема да го промени уставното име, кое прифати да го избрише. Што ли да очекуваме сега, кога се колне во АСНОМ и Илинденското востание? Слободата и човечките правдини биле идеалот на Илинден и во 1903 и во 1944 година. Илинденците чија што борба е за човечки правдини се бореле токму против луѓе со карактерни особини како Зоран Заев и истите биле ставани на столбот на срамот“ реагираат од опозициската партија.