
ВМРО ДПМНЕ тврди дека Богоевски е откриен од свиркач
Павле Богоевски веднаш треба да си даде оставка од морални причини, а Зоран Заев да го измете од Законодавниот дом, побара ВМРО ДПМНЕ врз основа на случајот што според нив, го обелоденил свиркач.. Велат дека Богоевски нема кредибилитет да ја извршува пратеничката функција и дека е можно неговите одлуки да се под влијание на недозволени супстанци. Опозицијата прашува: од кого набавувал дрога и дали препродавал, и потсети дека тој признал кривично дело за кое е предвидена казна од една до 10 години.
СДСМ очекува надлежните институции да го разрешат случајот, вклучувајќи го неовластеното снимање и емитување. Во кусата реакција велат дека моралните аспекти се на личната совест на секој пратеник, како и на секој друг човек.
И претседателот на Собранието Талат Џафери очекува надлежните институции да постапуваат ефикасно и целосно да го расчистат случајот. Потстетува дека во овој момент нема основа за било каква постапка од страна на Парламентот.
Додека ВМРО ДПМНЕ го искористи овој случај за да побара Собранието да воведе посебни контроли за наркотици, ДУИ има уште посеопфатна иницијатива. Бараат таканаречен ветинг во судството, обвинителството, политиката, и во сите институции што вршат јавна дејност, вклучувајќи ги и партиите.
ЛДП најавува посебен закон за легализација на канабисот, не само за медицински потреби. За колегата Богоевски, очекуваат разјаснување во институциите.
Богоевски денеска не сака да коментира. Вчера, самиот се пријави во Полициската станица Центар дека пред неколку месеци телефонски нарачал масло од канабис за лекување на близок роднина. Пријави и дека е снимен од таксистот чиј идентитет не го знае. Аудио снимката во траење од 41 секунда беше објавена на новоотворен профил Илија Громовник во Будимпешта. Богоевски се сомнева дека е инспирирана од претстојната комисиска расправа за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски.
Соња Николовска
.